Javascript DHTML Drop Down Menu Powered by dhtml-menu-builder.com

Javascript DHTML Drop Down Menu Powered by dhtml-menu-builder.com

 

 

 

Гел што гори

 

При мешање на воден раствор од калциум ацетат и етанол се добива гел што може да гори.

Прибор
Две лабораториски чаши (една од 100 mL и една од 250 mL), две мензури (една од 50 mL и една од 10 mL), Петриева шолја, цилиндричен метален сад, две пластични лажички, електромагнетна мешалка, техничка вага, тефлонска мешалка, кибрит или безбедносна запалка, шише од 100 mL.

Хемикалии
Калциум ацетат, етанол 96%

Начин на работа
Подготовка на воден раствор од калциум ацетат:
Пригответе заситен раствор од калциум ацетат во чаша д 250 mL на електромагнетна мешалка со растворање ~ 40 g на супстанцата во 100 mL вода. Ако не постои нерастворена супстанца додадете повеќе калциум ацетат. Приготвениот раствор се собира во пластично шише.
Приготвување на гел:
• Додадете 10 mL од заситениот раствор на калциум ацетат и 50 mL етанол во чаша од 100 mL во исто време (Сл. 1).
• Почекајте 10 секунди.
• Завртете ја чашата наопаку за да се покаже дека се добил гел и дека нема течност (Сл. 2).

Сл. 1. Мешање на етанол со растворот

Сл. 2. Гелот не тече

• Ставете малку од гелот на керамичко садче и ставете го далеку од запаливи материјали (алкохол, дрво, хартија) (Сл. 3).
• Запалете го гелот со безбедносна пиезо запалка (Сл. 4).

Сл. 3. Гелот пред палење

Сл. 4. Горење на гелот

Резултати и дискусија
При мешањето на двата раствора се добива гел со бела боја. Со превртувањето на чашата со отворот надолу се потврдува отсуството на течна фаза и добивањето гел. Гелот се добива како резултат на намалување на растворливоста на калциум ацетатот во присуство на алкохол. Ова е всушност типичен пример на замена на растворувачот. При тоа, доаѓа до создавање на тридимензионална мрежа во која се сместени молекулите од алкохолот.
Овој гел, како што е покажано во експериментот, има својство да гори. Горењето е еквивалентно на горење на етанол во метален сад. Пламенот може и да не се забележува па затоа со помош на парчето хартија се покажува неговото постоење.

Забелешки
Приготвувањето на растворот од калциум ацетатот се врши без загревање зашто со зголемување на температурата доаѓа до намалување на растворливоста. Заради безбојниот пламен горењето на гелот може и да не се забележува па затоа, доколку постојат услови добро е просторијата да се затемни и со тоа да се овозможи набљудување на пламенот.

Совети за безбедност
При изведување на експериментот треба да се преземат мерки на претпазливост при работа со оган. Запаливите материјали треба да се чуваат далеку (на безбедно) од местото на горење на гелот.