Во пластична пипета се генерира амонијак што се собира во мала епрувета. Епруветата се затвора со гумен затворач (низ којшто минува медицинска игла) и се потопува во вода.
Прибор
Епрувета (12 mm x 75 mm), гумен затворач со медицинска игла со исечен врв, единечна сталка која одговара за пипета, пластични пипета, пластично садче, шприц од 2,5 mL, медицинска игла (0,8 mm/40 mm), изолир трака, клешта за сечење - цвицанглаи, ножици или скалпел и пинцета.
Хемикалии
4 мали зрна NaOH (со големина на зрна ориз), 2 mL заситен воден раствор од NH4Cl, алкохолен раствор од фенолфталеин |
Начин на работа
• Пригответе пластично садче со 20 mL вода и 5-10 капки фенолфталеин.
• Составете апаратура како што е прикажано на Сл. 1.
• Во шприцот ставете заситен раствор од амониум хлорид.
• Во пипетата ставете го натриум хидроксидот така што ќе направите засекување и отворот ќе го затворите по ставањето на хидроксидот со изолир трака или селотејп.
• Генерирајте амонијак со додавање на растворот од амониум хлорид кон натриум хидроксидот, во мали количини, капка по капка и соберете го во епрувета.
• Кога епруветата е исполнета со амонијак затворете ја со гумениот затворач со игла и потопете ја во водата со фенолфталеин (Сл. 2). Гумениот затворач треба да биде под површината на водата.
• Внимавајте на тоа што се случува во епруветата и не го подигајте гумениот затворач над површината на водата.
• По завршување на експериментот пипетата генератор за амонијак не треба да се фрли, таа може повторно да се користи.
Резултати и дискусија
Амонијакот во овој експеримент се генерира според добро позната реакција меѓу натриум хидроксид и амониум хлорид. Начинот на добивање на гасот во пипета е новина воведена од авторот на оваа Интернет страна. Собраниот амонијак во епруветата во контакт со вода (прво во медицинската иглата) се раствора и создава намалување на притисокот кој во еден момент станува толку мал што во епруветата се овозможува создавање на водоскок познат како амонијачна фонтана. Водата која навлегува во епруветата содржи фенолфталеин кој заради растворениот амонијак (кој создава базна средина) ја обојува водата во малиново црвена боја.
Совети за безбедност
Носете заштитни очила! Внимавајте, медицинските игли се многу остри и постои опасност од повреди. Кога иглите не се користат треба да се ставени во пластичната футрола.
Секогаш користете игли со широк дијаметар (0,8 mm -1,2 mm, со цел да се избегне случај на затнувањето кога е можно реакција на реагенсот со металот од иглата). |